• ПРОГРАMА >> Домување со поддршка  
посетете нè и на:    facebook     youtube                 македонски     англиски          
Домување со поддршка во заедницата во Неготино и Скопје
Имплементирање на процесот на
деинституционализација


Центар за помош на лица со ментален хендикеп ПОРАКА НЕГОТИНО – Неготино е родителска, невладина организација за лица со попреченост во менталниот развој.
Од 2008 година започна со имплементирање на процесот на деинституционализација на лица со попреченост во менталниот развој од Специјалниот Завод во Демир Капија кој е дел од Стратегијата на Република Македонија за деинституционализација на лицата со попреченост во менталниот развој, во периодот од 2008 до 2018 година.
Процесот се имплементира во согласност со Договорот за Соработка помеѓу Институтот Отворено општество - Mental  Health Initiative од Будимпешта и Министерството за труд и социјална политика и Договорот за Соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Порака Неготино.

Проектот "Македонија - Општество за сите" има за цел да деинституционализира 192 лица со попреченост во менталниот развој од Специјалниот Завод Демир Капија. За да се достигнат овие цели ќе бидат воспоставени 6 служби за домување со подршка во различни градови во Македонија. Секоја служба за домување со подршка ќе обезбеди поддршка на поранешни корисници на Институцијата во Демир Капија. Тие ќе добиваат поддршка да живеат во станови или куќи, во заедницата како и сите други граѓани.

Порака Неготино има воспоставено Домување со поддршка во Неготино и Скопје. Ваквиот модел на услуга Порака Неготино има за цел да го развие и во другите градови во Македонија.
Процесот на деинституционализација во Македонија опфаќа: Служби за домување со поддршка во заедницата и Превенција од институционализација.



ДОМУВАЊЕ СО ПОДДРШКА

Програмата за Домување со поддршка на лица со попреченост во менталниот развој претставува активен дел од работата на Центар за помош на лица со ментален хендикеп ПОРАКА НЕГОТИНО - Неготино и преку истата моментално им се пружа поддршка на вкупно 59 лица со попреченост во менталниот развој во Неготино и Скопје кои претходно биле сместени во Институцијата Специјален Завод Демир Капија и на 6 лица од превенција од институционализација.

Во 2008 година беше отворена првата станбена заедница, а до крајот на 2009 година целосно се формира Служба за домување со поддршка во Неготино, која всушност е и првата Служба за домување со поддршка на лица со попреченост во менталниот развој во Република Македонија.



Оваа Служба располага со седум станбени заедници во Неготино, со вкупно 33 лица со попреченост во менталниот развој. Шест од станбените заедници се сместени во три куќи кои се во сопственост на ПОРАКА НЕГОТИНО - Неготино, а една во стан кој е под закуп. Секоја станбена заедница опфаќа најмногу 5 корисници кои делат исто живеалиште. Лицата со попреченост во менталниот развој кои ги делат становите т.е. куќите се на различни возрасти, се од различен пол, и се со различна потреба од поддршка. Тие добиваат поддршка од страна на обучени асистенти кои им пружаат услуги и поддршка во склад со нивните потреби.
Од јануари 2012 година ПОРАКА НЕГОТИНО – Неготино започна со менаџирање и на Службата за домување со поддршка во заедницата во Скопје. Оваа Служба располага со седум станбени заедници во Скопје со вкупно 32 лица со попреченост во менталниот развој кои претходно биле сместени во Институцијата Специјален Завод Демир Капија.

Домувањето со поддршка во заедниците  има за цел да  дава поддршка на лицата со попреченост во менталниот развој во изведувањето на сите активности во секојдневниот живот во нивните станови, како и активности во заедницата, најстојувајќи да даде поддршка за нивно осамостојување и нивна социјална инклузија во заедницата.



Бидејќи домувањето со поддршка е за возрасни лица, по нивното адаптирање во средината и заедницата крајната цел на овој процес е тие да се стекнат со вештини на живеење, како би можеле да се вработат или работно да бидат ангажирани, како сите други граѓани, а преку нивниот ангажман тие да се чувствуваат корисни во заедницата.

Имајќи во обзир дека ние сме родителска организација, Програмата на Службите за домување со поддршка во заедницата во Неготино и Волково - Скопје како дополнителна цел има да воспостави контакти со родителите, роднините и старателите или истите да ги продлабочи. До сега воспоставени се голем број на контакти со родители, браќа и сестри или роднини со кои корисниците кои биле сместени во институција, се немале видено никогаш или повеке од 20 години. Ова се навистина многу емоционални и трогателни моменти за кои корисниците посебно се подготвуваат и припремаат.

Главната задача на Програмата на Домување со поддршка во заедницата е припремање на корисниците за нивно самостојно живеење. Па така преку нивно вклучување во различни активности кои се изведуваат во нивните станбени заедници и работилниците во Дневните Центри на ПОРАКА НЕГОТИНО во Неготино и Волково, тие добиваат разни обуки и тренинзи од страна на вработените лица.



Службите за домување со поддршка во заедницата во Неготино и Скопје ги исполнуваат следните задачи со цел припремање на корисниците за самостојно живеење:

  • Создавање на позитивна атмосфера во станбените заедници преку добро создадена хетерогена група на корисници кои меѓусебно ќе се надополнуваат и помагаат;


  • Обуки за подготовка на оброци, припрема на родендени, имендени, слави и други прослави во нивните куќи;


  • Одржување на лична хигиена и хигиена на облеката, како и одржување и уредување на станот;


  • Обука и запознавање со водење на здрава исхрана и здрав начин на живеење, користта од физичката активност, препознавање на знаци за болест, редовни лекарски контроли кај матичниот лекар, заболекар итн.;
  • Организирање на слободното време надвор од станбената заедница и вклучување во сите ресурси (културни и спортски) кои ги нуди градот Неготино и градот Скопје (библиотека, играорни друштва, музеј, спортски терени, други НВО и.т.н.);


  • Обуки и секојдневни индивидуални разговори за вклучување во работното ангажирање со помош на работни асистенти;


  • Запознавање на корисниците со нивните права и самостојност во донесувањето на одлуки за избор;


  • Одржување на семејните врски и нивно продлабочување со цел создавање на кругови на поддршка кои ги имаат корисниците;


  • Организирање на екскурзии, посети на градови од каде што се корисниците;


  • Организирање на редовни групни и секојдневни индивидуални обуки за вработениот персонал;


  • Редовно одржување на контакти со закуподавачите на становите/куќите;


  • Воспоставување на контакти со институциите во Неготино и Скопје со кои корисниците имаат секојдневен контакт;


  • Комплетирање на индивидуално досие за секој од корисниците;


  • Изработка на Индивидуално Насочено Планирање за секој од корисниците како би се почитувале нивните желби и интереси;


  • Редовно информирање на Центрите за социјална работа од каде што се корисниците за напредокот и новите активности во кои се вклучени корисниците;


  • Редовно информирање на Министерството за труд и социјална политика за функционирањето на Службите за домување со поддршка во заедницата во Неготино и град Скопје;


  • Внесување на иновации, нови методи и пристапи на работа со корисниците, како и размена на искуства со други Служби за домување надвор од Македонија;


  • Развивање на свест за заштита на природата и човековата околина;


  • Користење на услугите на Сервисната Служба Дневни Центри на ПОРАКА НЕГОТИНО – Неготино во Неготино и Волково - Скопје за лица над 18 години.


  • Службите им даваат поддршка на лицата со попреченост во менталниот развој во изведувањето на сите активности во секојдневниот живот во нивните станови, како и активности во заедницата, најстојувајќи да дадат поддршка за нивно осамостојување и нивна социјална инклузија во заедницата.




    Исто така, Службите обезбедуваат и соодветна здравствена заштита и грижа за нивното здравје преку обезбедување на матичен лекар кој е достапен за нив 24 часа на ден.

    Центар за помош на лица со ментален хендикеп (ЦПЛМХ) ПОРАКА НЕГОТИНО НЕГОТИНО     
    Адреса: ул. Киро Крстев бр. 15, 1440 Неготино Р. Македонија;
    Тел/Факс: +389(0) 43370720; Моб: +389(0) 75457342; e-mail: gorda_traj@yahoo.com
    Лице за контакт: Гордана Трајковска Адреса: ул. Киро Крстев бр. 34, 1440 Неготино Р. Македонија; Моб: +389(0) 75457342; e-mail: gorda_traj@yahoo.com